Дома Здравје Овие намирници најчесто предизвикуваат алергии

Овие намирници најчесто предизвикуваат алергии

585
0

Кога имунолошкиот систем на телото реагира ненормално на нешто што јадете или пиете, тоа е познато како алергија на храна. Симптомите обично вклучуваат ненадејни промени на кожата, проблеми со гастроинтестиналниот тракт, респираторниот или кардиоваскуларниот систем, но секогаш постои ризик од анафилактичен шок.

Многу видови храна можат да бидат алергени, но Food Allergy Research & Education (FARE), најголемата светска организација која се занимава со проблемот на алергии на храна, издвојува осум намирници кои всушност предизвикуваат 90 отсто од сите алергии на храна.

Благи реакции вклучуваат чешање или осип на кожата, чешање или печење околу устата или грлото, течење или затнат нос, гадење, посериозни реакции вклучуваат оток на усните или јазикот, лицето или екстремитетите, отежнато дишење, грчеви во стомакот, повраќање и дијареа, а најтешката реакција доведува до анафилактичен шок, состојба која е опасна по живот и бара итна медицинска интервенција.

Кравјо млеко

Алергијата на млеко е имунолошка реакција на еден од протеините во животинското млеко и најчеста причина за алергиски реакции кај малите деца. Реакцијата е обично побавна, симптомите се развиваат од неколку часа до дури неколку дена подоцна и вклучуваат грчеви во стомакот, дијареа, осип на кожата, повремена кашлица, течење на носот… Иако ретко, детето со алергија на млеко може да има и сериозни реакции, и има многу поголеми шанси да развие алергиски реакции на друга храна или астма, пишува Healthline.

Јајца

Дури два отсто од децата се алергични на јајца. Кога станува збор за алергија на оваа храна, протеините во белката имаат поголема веројатност да предизвикаат реакција, иако некои луѓе можат да бидат алергични и на белките и на жолчките.

Симптомите на алергија на јајца се слични на другите видови алергии и може да вклучуваат една или повеќе од следните реакции: промени на кожата како егзема, уртикарија или оток; стомачна болка, гадење, дијареа или повраќање; отежнато дишење; затнат или течење на носот; забрзано чукање на срцето. Алергиите на јајца обично се појавуваат на многу рана возраст, а најтешките реакции се јавуваат на возраст од 6 до 15 месеци.

Кикирики

Кикириките, дури и во мали количини, можат да предизвикаат сериозни алергиски реакции, кои можат да бидат опасни по живот. Децата почесто се алергични на кикирики отколку возрасните, некои од нив исчезнуваат со текот на времето, но има и такви кои мора да го избегнуваат доживотно.

Во повеќето случаи, алергиската реакција ќе стане очигледна само неколку минути по контакт со кикирики, а медицинска помош треба веднаш да се обезбеди во случај на отекување на грлото, отежнато дишење, пад на крвниот притисок, забрзан пулс, вртоглавица, губење на свеста.

Риба

Алергијата на риба може да предизвика многу сериозни реакции, дури и ако претходната реакција била блага, а има многу чувствителни луѓе кои ќе развијат алергија само на мирисот или допирот на рибата. Симптомите се движат од таканаречениот синдром на орална алергија, во кој слузницата на устата и грлото почнува да боцка или отекува неколку минути до неколку часа по изложувањето, до анафилактичен шок придружен со отежнато дишење и циркулаторен колапс. Луѓето кои се алергични на риба може да бидат алергични на сите, или само на некои видови риби.

Школки и морски плодови

Со алергија на школки, реакциите се брзи и обично започнуваат неколку минути до еден час по консумирањето, па ако мислите дека веднаш по оброкот чувствувате оток на лицето, усните, јазикот, грлото, гушење, болки во стомакот, вртоглавица – веднаш контактирајте со вашиот лекар.

Оваа алергија е одвоена од алергија на риба – ако сте алергични на риба, школките можеби нема да ви бидат проблем, но ако сте имале реакција на школки, важно е да ги избегнувате сите видови морски плодови. Тука спаѓаат школки, ракчиња, остриги, јастози, но и лигњи и октопод. Овој тип на алергија може да се појави на која било возраст, но е почесто кај возрасните.

Јаткасти плодови

Алергиските реакции на јаткастите плодови може да се движат од благи (чешање, насолзени очи и чешање на грлото) до опасни по живот. Исто така, можете да бидете алергични на само еден вид, или на неколку од нив, а ако алергологот не утврдил што точно ви пречи – паметно е да ги избегнувате сите јаткасти плодови.

Станува збор за ореви, бадеми, лешници, индиски ореви, бразилски ореви, ф’стаци, пекан… „Забраната“ важи и за производите како бадемово масло или путер од ф’стаци. Во некои случаи, симптомите ќе се појават за неколку минути и ќе бидат сериозни, во други може да потрае од 30 минути до неколку часа пред да почувствувате симптоми.

Пченица

Иако алергијата на пченица често се меша со целијачна болест, тие се две различни состојби кои различно се дијагностицираат и имаат различни симптоми. Целијачната болест е предизвикана од абнормален имунолошки одговор на глутенот, кој е еден од протеините кои се наоѓаат во пченицата, не предизвикувајќи непосредни симптоми, но предизвикува долгорочно оштетување на цревата.

Симптомите на алергија на пченица обично се развиваат по неколку минути контакт со пченица и се слични на оние предизвикани од други алергии на храна (коприва или осип, иритација на устата и грлото, гадење и повраќање, дијареа, назална конгестија, отежнато дишење).

Ако сте алергични, секоја изложеност на протеини од пченица ќе предизвика имунолошки одговор – ова вклучува леб, тестенини и житарки, но исто така и кечап, сладолед, пиво, соја сос, месни производи како виршли или филета, па дури и некои козметички производи.

Соја

Алергијата на соја обично се појавува пред тригодишна возраст, а често поминува до 10-тата година. Сепак, ова е една од најпроблематичните намирници што треба да се избегнуваат, бидејќи постои цела листа на производи кои можат да содржат соја – разни сосови, мајонез, сите производи со природен или вештачки аромат, чорби, замени за месо, месни производи, замрзнати оброци, путери, млечни производи…

Алергијата на соја често се јавува заедно со други алергии, а исклучително ретко може да предизвика анафилакса.

Остави одговор

Ваш коментар
Вашето име