Дома Живот Кожув планина – вистинска убавина!

Кожув планина – вистинска убавина!

1500
0

Кожуф е планина на границата меѓу Македонија и Грција со највисок врв „Зелен Брег“ – 2,171 метар. Други врвови повисоки од 2.000 метри се „Пиново“ (2.156 м), „Дудица“ (2.132 м), „Порта“ (2.112 м), „Морето“ (2.102 м), „Марково Езеро“ (2.035 м) и „Мала“ Рупа “(2.004 м).

Планината Кожуф зафаќа површина од 893 км2, од кои околу 80% се во Македонија, додека останатите 20% се на територијата на Грција. Се протега во правец југо-запад-северо-исток.

Кожуф Планина изобилува со огромен воден потенцијал. Од оваа планина извираат многубројни реки. Реката Дошница е една од најубавите и најчисти реки во Македонија. Од изворот под Зелен Брег до местото каде што се влева во Вардар нема ниеден индустриски објект кој ја загадува реката. Таа е најчистата река во која опстојуваат пастрмката, кленот, ракот и други риби.

На Кожуф сè уште опстојува рисот како редок и заштитен вид. За жал, од страна на криволовците, веќе 2-3 децении го нема еленот, а одвреме-навреме се појавува мечката која во потрага по помирни места „мигрира“ од планините во Грција и во Македонија кон Кожуф. Растителниот свет е богат со најразновидни видови, но, секако, најатрактивни се лековитите билки и растението „Arbutus andrahne“, кај народот познато како „гол човек“, кое е заштитено и со закон.

Најпосетуваниот туристички локалитет во општината е Смрдлива Вода, каде живописната природа не ви дава да здивнете. Локалитетот се наоѓа на надморска височина од 850 м, на оддалеченост од 24 километри од Гевгелија. Познато е по минералната вода и нејзината лековитост за стомачни заболувања и заболувања на желудникот и на бубрезите. Пределот нуди рекреација, чист воздух и посетеност во текот на целата година.

На Кожуф Планина се наоѓа и ски-центарот „Кожуф“, на надморска височина од 1500-1700 м2, познат по тоа што нуди одлични услови за љубителите на скијањето. Ски-центарот може да биде привлечна туристичка дестинација за целиот Балкан, пред сé, поради природните убавини, близината до Егејското Море, поволните климатски услови и можноста за врвен развој на зимска и на летна туристичка понуда.

Големата надморска висичина, пространите и бујни шуми, неколкумесечното задржување на снежната покривка, хидрографските карактеристики и разновидната флора и фауна на Кожуф Планина нудат можности за викенд-излети, за планинарење, за зимски спортови, за лов и за други рекреации.

Остави одговор

Ваш коментар
Вашето име