Дома Светски дестинации 10 Најубави села во Македонија…

10 Најубави села во Македонија…

32595
0

Богомила


Село Богомила се наоѓа во централниот дел на Република Македонија, во пазувите на Јакупица, Даутица и планината Бабуна. Сместено е во горното сливно подрачје на река Бабуна на надморска височина од околу 500 метри.

Оваа ридско-планинска населба има извонредно пријатна микроклима и претставува вистинска оаза за одмор на сите оние кои сакаат да избегаат од градскиот метеж. Пријатноста на просторот е надополнет со околните шуми, пространи ливади и секако бистрите и брзи води на река Бабуна, која тече низ селото.

Лазарополе


На 1.350 метри надморска височина, на работ од една висорамнина на Бистра, лежи второто по големина малореканско мијачко село и едно од највисоките селски населби во Македонија. Големата височина не му дозволува да има никакво земјоделско производство. Но, затоа има богата и долга историја од втората половина на 15 век.

Брајчино


Селото Брајчино е сместено на источниот дел од Преспанско Езеро, во една од подлабоките западни пазуви на планината Баба, во средишниот дел на живописната Брајчинска Река. Се простира на обата брега на реката, на надморска височина од околу 1000 метри.

Брајчино се наоѓа во крајниот југоисточен дел на територијата на Општина Ресен, чиј атар се издигнува до југозападниот срт на планината Баба, каде што се допира со атарот на Општина Битола, како и со државната линија на Република Грција. Селото е оддалечено 6 км од езерото, и на 32 километри оддалеченост од градот Ресен.

Галичник


Едно од најубавите планински села, надалеку прочуено по бујните пасишта, прекрасниот кашкавал и бело сирење, како и по извонредните ѕидари и градители. Се наоѓа околу 10 километри до Мавровско Езеро и ски-центарот Заре Лазарески. Лежи на падините на Бистра, во срцето на мијачката област.

Интересната местопложба на Галичник, на надморска височина од околу 1400 метри, се дополнува со автентичниот изглед на куќите. Вештината на градење на жителите од овој крај е позната и во европските метрополи, каде што мајсторите го докажале својот занает.

Селската архтитектура во Галичник е сочувана, старите камени куќи се обновени, а се градат и нови зданија во духот на традицијата. Куќите се состојат од две и три катни висини, а нивниот денешен изглед датира од крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Колешино


Колешино е сместено во подножјето на планината Беласица, во југоисточниот дел од Македонија. Од најблискиот град Струмица е одалечено 19 километри. Селото е познато по својот живописен Колешински водопад, формиран на реката Баба и висок 19,5 метри. Ова село воодушевува особено со водениот раскош.


Водопадите во Колешино ќе ви го одземат здивот. Тие се вистинска атракција во Македонија и се наоѓаат на подножјето на планината Беласица, на надморска височина од 270 метри. Зеленило и преубава природа ќе ве пречекаат на патот кон водопадите. Околината е средена, постои можност и за излет, правење скара, има дрвени клупи и маси – вистинска можност за еднодневен излет.

Зович


Село Зович (Зовиќ, Бзовиќ) се наоѓа во Општина Новаци, на 50 км од Битола во регионот Мариово и се наоѓа на 680 метри надморска височина. До селото води асфалтен пат.

Во минатото селото се наоѓало на околу 500 метри оддалеченост од сегашната локација на локацијата позната како “Лениште”. Сепак, за време на турското владеење, било ограбено и запалено, па жителите биле принудени да се преселат на моменталната локација, а со тоа и село Зович беше сместено.

Куклица


Еве уште еден доказ дека оваа наша прекрасна земја е полна со чуда. Народот со своите преданија скроил приказни што до денешен ден опстануваат на овие простори.


Во источниот дел на Р. Македонија, во село Куклица, Кратовско, се наоѓа геолошкиот резерват “Весела свадба”, кај народот познат уште како Куклици, Кукли и Пијани сватови.

Папрадиште

Сте слушнале ли досега за селото Папрадиште?

Во областа Азот во западната страна на велешката околија, сместено на 1.000 метри надморска височина, каде што орлите се гнездат под врвот Солунска Глава, на падините на планината Јакупица се наоѓа мијачкиот „остров“ во централна Македонија – селото Папрадиште.
Престојот во ова село е задоволство, било да е лето или зимa.
Името го има добиено поради изобилството на папрат во селото и во околината.

Белица


Селото се наоѓа во близина на Македонски Брод, на само 34 км од центарот на градот. Се стига лесно преку асфалтен пат. Селото е составено од две мала Долна Белица и Горна Белица. Долна Белица брои десетина куќи од кои повеќето се викендици, а Горна Белица има околу 80 – тина куќи. Селото го краси и реката Белешница која изобилува со кристално бистра и чиста вода (I – класа), па затоа со право од 2002 година е заштитена како споменик на природата.


Белица, потекнува уште од дамнешно време, а под владеење на Османлите останало сe до 1912 година. Првите негови жители биле тројца браќа од селото Бенче, кое исто така се наоѓа во Поречието. Тие направиле колиби, а заедно со себе донеле и добиток.

Тресонче

Мала Река, како лева притока на реката Радика, извира во близина на селото Тресонче, па затоа и крајот се вика малорекански. Тука се селата: Тресонче, Лазарополе, Галичник, Гари, Осој, Росоки, Селце и Сушица, познати како типично чисти мијачки населби. Се смета дека Тресонче е најстаро мијачко, а со тоа и малореканско село.

Се наоѓа распослано во подрачјето на Брзовец, разгранок на Бистра, надалеку познат како резерват и идеално место за диви кози. Велат дека во секое време на годината на овие карпести предели можат да се избројат над 350 вакви убави животинки.

Остави одговор

Ваш коментар
Вашето име