Сочен куглоф со вкус на кафе ќе ве освои уште при првото залче
Неколку чекори до одличен десерт
Куглофот е еден од оние суви колачи кои доаѓаат во различни вкусови. Меѓутоа, доколку сакате малку поинаков вкус на познатиот десерт, задолжително пробајте куглоф со вкус на кафе.
Идеален е за секоја пригода, без разлика дали се работи за дружење со пријателите после вечерата или со утринска шолја топол пијалок.
Состојките што ќе ви бидат потребни се:
500 грама брашно
една кафена лажичка прашок за пециво
една кафена лажичка сода бикарбона
шест јајца
250 грама маргарин
350 грама шеќер
100 грама кисела павлака
две лажици инстант кафе
две лажици вода
250 милилитри млеко
прстофат сол
Подготовка:
Се матат маргаринот на собна температура со шеќерот додека не се запени, па постепено се додаваат јајцата и се продолжува со матење. Кога ќе добиете изедначена смеса, постепено додавајте брашно, прашок за пециво, сода бикарбона, павлака, млеко и сол.
Измешајте го кафето со вода во шолја и додадете една лажица во смесата. После тоа, две третини од смесата истурете ги во подмачканиот калап, а остатокот од кафето додајте го во една третина од смесата.
Над првата смеса премачкајте го делот од смесата што го содржи остатокот од кафето и делумно измешајте за подоцна да добиете шарен куглоф. Тортата се пече во загреана рерна на 180 степени околу 50 минути. Кога куглофот ќе се излади по неколку часа, можете да го украсите со шеќер во прав или да го премачкате со растопено чоколадо.