Верниците од денеска до 6 јануари Бадник треба да се воздржуваат од лоши мисли и храна.
За православните христијански верници, кои се водат според стариот Јулијански календар денес зачнува шестнеделниот Божикен пост.
Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик 7 јануари – денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.
Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник.
Божикниот пост е втор по должината на траењето, веднаш по велигденскиот.
Во однос на „строгоста“ за употреба на храна Божикниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење на вино, зејтин и риба. Строгиот пост на вода се налага во првата и последната недела, како и секоја среда и петок.