Дома Позитив на денот Денес е Св. Ѓорѓија – за многу години име и куќна слава

Денес е Св. Ѓорѓија – за многу години име и куќна слава

1072
0
Свети Великомаченик Георгиј Победоносец ( во народот познат како Свети Ѓорѓија) живеел и пострадал за време на безбожниот римски цар и идолопоклоник Диоклецијан (284 – 305 година),во чие време се вршело прогонство и убивање на христијаните. Ова е посна слава бидејќи секогаш се паѓа во деновите на божиќниот пост, и уште се нарекува посен Св. Ѓорѓија. Свети Георгиј, син на набожни родители и добар Христов војник завршил воена школа и бил на служба кај овој цар. Во својата 20-та година го добил чинот трибун, воен старешина и царски пратеник. Знаејќи дека заради верата во Христа набргу ќе настрада, по смртта на својата мајка го раздал имотот на сиромашни, а робовите ги ослободил. Тој не можел да ја поднесе неправдата. Храбро застанал пред царот, кнезовите и сенаторите и изјавил: “Слуга сум на Христос, мојот Бог… До кога ќе ги гоните и мачите тие невини луѓе и ќе ги принудувате на вашето безумно безбожје. Идолите ваши не се богови, не се! Христос е единствениот Бог!”. Царот наредил Св. Георгиј да биде фрлен во затвор и бил изложен на најтешки мачења. Во жестоката борба меѓу доброто и злото – победа му подари, издржа надчовечки мачења и стана Победоносец, за да сведочи пред светот дека љубовта, побожноста и верата се посилни од се. Пострадал на 23 април/ по нов стил 6 мај 303 година, кога во негова чест се слави празникот Ѓурѓовден. На иконата Св. Ѓорѓија е претставен како војвода на коњ како со копје убива ламја која е под копитата на коњот. И според легендата Св. Ѓорѓија ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Во Македонија постојат многу цркви посветени на Св.Ѓорѓија, од кој најстара е онаа во преспанскиот регион, близу до живописното село Курбиново, во пазувите на планината Пелистер. Според времето на живописување, забележано на натписот на северната страна со грчка сигнатура, се претпоставува дека црквата била подигната во годината 1191. Она што импресионира и восхитува во оваа црква е нејзиниот живопис, што заедно со оној од црквата Свети Пантелејмон крај Скопје, претставува едно врвно и оригинално остварување од периодот на Комненската уметност во Македонија. Свети Ѓорѓија е заштитник на градот Струга. За многу години!

Остави одговор

Ваш коментар
Вашето име