Денес верниците на православната црква го одбележуваат празникот, таканаречен Летен Свети Никола, празник посветен на преносот на моштите од Ликија во Бари на Светиот отец Николај – Мирликискиот чудотворец. Од многу места и семејства се слави како слава.
Денешниот празник е спомен за пренесувањето на моштите на Свети Никола од ликискиот град Мир во Бари, каде и денес почиваат.
Култот на св. Никола е познат од VI век, а најстарото житие за него потекнува од IX век. Важел за заштитник на целото население и од целиот свет, поради што високо го ценат не само православните туку и католиците. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците, коишто како што стои во некои записи го викале „Адрбаба“, што значи јадар татко или голем татко.
Се верува дека овој светец ги штител луѓето од секакви неприлики, а во народното предание најмногу е запаметен како господар на водите, на морињата, заштитник на корабите и на патниците што патувале со нив.