Најскапите градови во светот за 2022 година се Њујорк и Сингапур заедно, според годишното истражување на Economist Intelligence Unit (EIU). Најевтин е Дамаск – кој не е променет во однос на претходната година.
Ова е првпат Њујорк да се најде на врвот на листата на најскапи, додека минатогодишниот број еден Тел Авив сега падна на третото место.
Севкупно, просечната цена на живот во најголемите градови во светот се зголеми за 8,1 отсто оваа година, објави истражувањето на EIU. Војната во Украина и влијанието на Ковид врз синџирите на снабдување беа идентификувани како фактори кои ги предизвикаа зголемувањата.
Инфлацијата беше особено висока во Истанбул – со зголемување на цените за 86 проценти – во Буенос Аирес (64 проценти) и Техеран (57 проценти). Високата инфлација во САД исто така беше една од причините зошто Њујорк се најде на врвот на листата.
Лос Анџелес и Сан Франциско, исто така, влегоа во топ 10 претходно оваа година, со американската инфлација највисока во последните 40 години. Зајакнувањето на доларот исто така беше фактор за истакнатоста на американските градови.
Москва и Санкт Петербург напредуваа за 88 и 70 места на рангирањето, на 37 и 73, соодветно, делумно како резултат на западните санкции по руската инвазија на Украина.
Истражувањето ги споредува трошоците во американски долари за стоки и услуги во 173 градови, додека Киев не беше вклучен во овогодинешниот преглед. EIU спореди повеќе од 400 индивидуални цени за над 200 производи и услуги од 172 градови низ светот.
Упасана Дут, одговорна за водење на истражувањето, рече дека војната во Украина, западните санкции против Русија и кинеската политика на Ковид „предизвикале проблеми во синџирот на снабдување“.
„Ова, во комбинација со зголемувањето на каматните стапки и флуктуациите на девизниот курс, резултираше со криза на трошоците за живот низ целиот свет“, додаде Дут.
Таа, исто така, рече дека просечниот раст на цените во 172 градови во истражувањето на EIU бил „најсилниот што сме го виделе во 20-те години за кои имаме дигитални податоци“.
Најскапи градови во 2022 година беа: Њујорк и Сингапур, Тел Авив, Хонг Конг, Лос Анџелес, Цирих, Женева, Сан Франциско, Париз, Сиднеј и Копенхаген.
Најевтини градови за 2022 година беа: Коломбо, Бангалор и Алжир, а потоа следуваат Ченаи, Ахмедабад, Алмати, Карачи, Ташкент, Тунис, Техеран, Триполи и Дамаск.