Дури 40 отсто од заразените со корона немале никакви симптоми, покажа големото истражување спроведено на 30 милиони луѓе. До неодамна, една петтина од заразените се сметаше дека се асимптоматски, што го отежнуваше спречувањето на ширењето на вирусот.
Студијата е спроведена во неколку земји низ светот во времето на ширење на оригиналните варијанти на коронавирусот, така што засега нема подетални информации колкав е процентот во моментот на ширење на соевите делта и омикрон.
Асимптоматските случаи најчесто се пријавени кај бремени жени. Повеќе од 54 отсто од нив не покажале знаци на инфекција. Научниците не шпекулираа за причината, но забележуваат дека идните мајки може да се тестираат почесто од другите.
Бремените жени „тивки носители“
Бремените жени беа наречени тивки носители. Во истражувањето се наведува дека вирусот кај трудниците може да се утврди само со опсежно тестирање и следење на блиските контакти. Освен кај трудниците (54,1 отсто), поголем процент на асимптоматски инфекции е забележан кај вработените кои работат со патници во авиони или крстосувачи (52,9 отсто) и одделенијата и вработените во старечки домови (47,5 отсто), како што пишува DailyMail.
Ова се исто така занимања кои рутински почесто се тестираат. Со оглед на тоа што земјите го зголемија опсегот на тестирање, новите податоци само ќе покажат дали има повеќе асимптоматски случаи кај другите групи вработени лица. Помалку вакви случаи се евидентирани кај здравствените работници, особено кај оние вработени во болниците, каде ги имало 30 отсто, а блиски контакти со заразени лица – 26,9 отсто, јавува Zimo.
Речиси половина во САД
Според студијата, речиси половина од заразените во САД биле асимптоматски (46,3 отсто), 44,2 отсто биле асимптоматски во Европа и 27,6 отсто во Азија. Стапката на асимптоматска инфекција е поголема во развиените земји и кај помладите луѓе, покажуваат податоците објавени до јуни годинава.
Заразените лица на возраст под 20 години биле асимптоматски во дури 60,2 отсто од случаите, а речиси половина од заразените на возраст меѓу 20 и 39 години немале знаци на инфекција.
И без симптоми се шири инфекцијата
Иако се асимптоматски, заразените може дополнително да го рашират коронавирусот на други луѓе и да бидат извор на инфекција во заедницата во која се движат. Инаку, главни симптоми на коронавирусот се треска, кашлица и губење на чувството за мирис и вкус.
Научниците предупредуваат дека се работи за симптоми на поширок опсег кои се поблаги и лесно може да се помешаат со оние на настинките, а исто така и со најновата варијанта – омикрон. Неуспехот да се одговори на таквите симптоми може да поттикне понатамошно масовно ширење на најзаразните варијанти.