Православните верници денес го одбележуваат празникот Бадник, денот пред Божиќ.
Познатата поговорка вели:
Пред Божиќ, зад Божиќ, кај и да си, дома да си!
Ова ја означува симболиката на празнувањето, целото семејство да биде заедно. Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници.
Традицијата налага семејството на Бадник да се собере на заедничка вечера на богата, но посна трпеза. Обичај е најмалиот во семејството со погача да затропа на врата и на прашањето кој е, да каже “Дојде Бадник на вечера” или се отвора прозорот и домаќинот ги кажува зборовите “Дедо Боже дојди да вечераме”.
Во погачата се става паричка, таа се крши и се смета дека тој што ќе го најде паричето, ќе има среќа цела година. Обичај е по вечерата, трпезата да не се крева. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани.
Според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се бдее до полноќ, да се дочека Христовото раѓање.
Што треба да има на трпезата?
На бадниковата трпеза која е посна треба да има лепче со паричка која се смета дека носи здравје и среќа за целата година. да има и посно гравче, посна сарма, суви пиперки, туршија, печена тиква, компот, варена пченица.
Може да направите вкусна посна баклава како и посни колачиња.
Ставете на трпезата и бадникови гранчиња, жито, свеќи, овошје и суво овошје. Среќен Бадник….